Image and video hosting by TinyPic
Home » » 3 del

3 del

Written By Aleksandar on сабота, 27 јули 2013 г. | 00:21

Четврта фаза. 

БУВ“

Сте забележале ли луѓе мои, колку живот има во бувот?
На скала од 1 до 10, бувот е некаде на двојка.

Ноќе лумпува, а дење не мрднува.
Како восочна фигура.

Така и ние, пијаниците...
Не сите.
Ние, ветераните бувови...ние сме контра.
Дење лумпуваме, а ноќе не мрдаме.

Инаку бувот има најнечујно летање од сите птици.
Одлетува без да го слушнеш.
Така и јас, кога сум во оваа БУВ фаза многу често знам така нечујно да одлетам ако ситуацијата е кнап.
Дури сум станал мајстор за тоа. Да ме снема без никој да забележи. Да испарам. Да исчезнам. Да му ја летнам.
Онака бувовски.
За да можам да седнам некаде на раат и да кулирам.
Како був. Со ококорени очи.
Бувот трепка еднаш во минута.
Ако трепне повеќе од еднаш – заспива веднаш.
Исто и луѓето што стануваат бувови.

За бувот најмногу научив од Баки.
Со него се дружиме секогаш кога одам горе во коријата, на езерото, кај Брато на гости.
Над Градчето над градчето има селце.
А над селцето има селце. Со една куќа. Среде шумата.
Тоа е царството на Баки.

Баки не пие. Он е еден од оние на кои навистина не му треба алкохол. Тој е опиен од животот.
Ги обожува и луѓето и животните. Повеќе животните.
Има и свој миленик.
Чува був. Комуницира со него.
Што ќе комуницираш. Був ко був.

Велат дека газдите со текот не времето почнуваат да личат на своите кучиња. Баки нема куче. Има був.
Затоа почнал да заличува на був. Знае така некогаш да се загледа во една точка и да ѕвери во празно.
И да ужива во моментот.
Баки знае да го сака животот. На еден посебен начин.
За разлика од мене.
Јас го сакам на еден чуден начин.

Најпознатиот човек-був што го познавав беше еден стар господин од осумдесетите години од минатиот милениум. Тоа беше чичко Варошки. Театарски човек.
Драматург и писател. И критичар.
Интелектуалец пар екселанс.
Половина од вицовите за пијаниците се вистински случки и анегдоти од неговиот боемски живот.
Бисер до бисер.
Луѓе мои.
Кога ќе дојдеше натрескан во театарскиот Клуб,
Кленот смислуваше илјада начини да се отараси од него. Варошки сепак беше авторитет, па затоа газдата
имаше почит кон него и контрола врз себе.
Место за него секогаш мораше да има. Од почит кон годините, искуството и харизмата што ја имаше.
Инаку Варошки во тоа време се опиваше од три ракии. И со букви – три.
А кога ќе испиеше три изгледаше како да испил 33.
Е тогаш Кленот мртов-ладен во чашките за ракија му ставаше обична вода. Чешмарка.
Ама тоа не менуваше апсолутно ништо. Варошки ќе ја земеше божемната ракија, ќе ја опнеше на екс, како був ќе ја затресеше главата лево-десно неколку пати и ќе го направеше оној познат израз на лицето кој се јавува како фацијален грч секогаш кога човек ќе проба некоја жестока пијачка. Почнуваше да се мурти, ги спушташе веѓите, ги подигнуваше образите кои скоро му ги затвораа очите и понекогаш испушташе и некаква воздишка која звучеше како р’жење...
Демек јака е ракијата...

Историска е неговата реченица изговорена во неговиот стан, во неговата дневна соба, на неговата фотелја...
После дводневна седенка кај него, со неколку други пријатели боеми. Стари и искусни скупски бувови.
Го гушнал тој што му бил најблиску и му рекол:

“Носи ме дома.“

А дома е.

Евергрин во неговата боемска биографија е приказната со увото. И се прераскажува со генерации.
Од уво на уво.

Една ноќ во Клубот, некаде на преминот од фазата Свиња во фазата Був, Варошки имаше жолчна расправија со еден неидентификуван алкохолизиран објект кој воопшто и не седеше на неговата маса.

И во целата таа аудио-визуелна збрка исполнета со мнозинство од физиономии како во филмовите на Тарантино, поткрепени од мистериозните звуци на некој здодевен шлагер од репертоарот на Кленот, се слушаше само една неразбирлива бучава произведена од еуфоричните муабети што се правеа по масите.  Претставата само што заврши и вечерта не беше ни почната. Ама не за сите. За оние што имаа претстава, вечерта што претстоеше требаше да биде круна на убавиот ден и успешната изведба на сцената.
За некои вечерта беше одамна завршена. Особено за една група високи интелектуалци која беше запиена трет ден. Театарскиот Клуб им беше последна станица.
Меѓу нив седеше и тој. Варошки. Во тој момент беше лидер на табелата на пијанството во целиот објект.
Жестоко се расправаше со колега од соседната маса.
А кога Варошки беше под гас, јазикот со кој зборуваше личеше на оние од Далечниот исток. Ние што долго го познававме Варошки, тој јазик му го разбиравме.
А тој кутриот, беше црвен како патлиџан во лицето, очите му беа пред фајронт, седеше на столчето исправен како був на гранка и беше ненормално расположен за кавга. Нервозата му беше евидентна.

Не ме нервирај, детеее...џабе ме нервираш..сакаш да ме изнервираш, ама не можеш да ме изнервираш...“

А полудуваше.
Башка и човекот кому му се обраќаше, беше тотално незаинтересиран за конфликт. Најмалку со Варошки.
Тоа уште повеќе го полудуваше овој нашиов, кој важеше за многу незгоден играч кога е на алкохол.

Не ме нервирај...ќе дојдам таму и ќе видиш ти кој сум јас...знаеш ли ти дека јас сум бил командос во војската?
Командос...разбираш? Ќе дојдам таму и...“

Па застана. И се подзамисли. Што да му направи?
Метата на Варошки конечно се заврте.
Се гледаа како бувови.

Ќе дојдам таму...и ќе ти го гризнам тоа увото.“

Не се знаеше на кое уво мисли. И двете му беа големи.

Увото...разбра? Ќе-ти-го-гриз-нам!“

Човекот стана. Имаше растегната насмевка на лицето.
И Варошки стана. И ситуацијата стана. Напната.
Станаа и другарите. Двајца го држеа. Мислиш Рамбо.
Ама пијан Рамбо.

Е сега дојдов таму...и ти го гризнав увото...“

Тргна енергично накај целта влечејќи ги зад себе двајцата стражари што го држеа за рацете. Ама за да му го гризне увото не му требаат раце. Туку заби. А забите му беа слободни. Почна да штрака со вештачките вилици како месар кога ги остри големите ножеви.
И како знак за јуриш, надмоќно извика:

Увотоооооооо...“

????????????????????????????????????????????????????

Варошки...Господине Варошки...“

Тоа беше Кленот. Сакаше да ја запре оваа одамна видена, стара приказна во која секогаш на крајот главниот лик наебува. Варошки наебува.

Ве молам, вратете се на своето место...“

И уште ги спои дланките како за молитва. За да му каже на Варошки колку го моли. И истовремено го моли Господ да го спаси писателот од не-хепиенд.
Варошки успеа некако да се заврти кон Кленот.
Му требаа неколку секунди добро да го фокусира со својот неисправен телескоп. Скоро и да мижеше.
Но сепак успеа да му намигне на Кленот со едното око.
Демек “не се плаши, не го тепам“.
И повторно се врати во првобитната ситуација.
И сега му требаше малку време за да се сети за што всушност тука стануваше збор. Само го погледна обвинетиот, малтретираниот и сигурно без причина навредуваниот соперник од неговата фантазија и му го постави сега веќе историското прашање:

Кого бе ти, ѓубре низаедно, ќе го гризнеш за уво?“

??????????????????????????????????????????????????????

Во тој момент чичко Варошки го прими најсилното десно кроше што сум го видел во живо. Се струполи на земјата како покосен и акна со главата од подот.
Притрчавме да му помогнеме на ранетиот. А тој, онака вон себе, со главата на ламинатските плочки, со лицето три пати поцрвено од пред неколку секунди, само кажа:

“Видовте што му направив?“

Видовме чичко Варош, видовме...

Кленот успеа некако да го седне на службената маса.
Му ја бришеше крвта од носот со една салфетка и се обидуваше малку да му држи предавања.
Кленот ќе го оправа Бувот.

Господине Варошки, Ве предупредив...мислам дека
не ви личи на годините да се доведувате во вакви глупави ситуации. Знаете колку Ве почитувам...“

Чичко Варош само го испружи јазикот и прозборе со својот неразбирлив, бувовски јазик.

 “Т’ф, т’ф, т’ф, т’ф...“

Што во превод би значело “туф, туф, туф, туф...“

И ја запеа “Болен ми лежи Миле Поп Јорданов...“

Денес ги нема и тројцата.
Миле Поп Јорданов одамна.
Варошки многу подоцна.
А Кленот малку подоцна од многу подоцна.
Варошки умре од алкохол, а Кленот за алкохол.
Ми недостасуваат. И двајцата. До морници.

............................................................................................



Петта фаза

МИСЛИТЕЛ

Полуседечка положба.
Главата ти е во една од дланките.
Како на Аристотел.
Обично се случува наутро, после будењето, но не мора секогаш да е правило. Нели?
Што мислите Вие луѓе мои, дали и што точно мисли мислителот во вакви ситуации? Што најконкретно мислиш ти, читателу мој скап? Кога главата ти е тапан, а секој произведен звук од било што на тебе делува како рачката од истиот тапан.
Па најомилен хит во тој момент ти е:

Што мислеше, што мислеше кога се онадеше?“

Што си мисли пијаницата после пијанството?

Не мисли на ништо.
И мисли на сè.
Некои од нас само изгледаат како мислители.
А некои навистина стануваат тоа.
Филозофи.

Најпознатите што ги познавав, беа многу познати.
Двајца расни актери. Гоше и Ангел.
Тогаш веќе пензионери. Но со дух на бруцоши од Академијата. Беа доајени на нашиот театар. И филм.
Филм беше самото седење со нив и правење глупави муабети од утро до фајронт. Фајронтот беше и врвот на нивните штотуку изговорени мисли кои звучеа како генијални афоризми од некој многу умен ум.

Не пијам повеќе. А ни помалку.“

Знаеа милион мали финти за помош на актерот во непредвидени ситуации. На пример, кога доаѓаш на претстава, а гласот ти е зарипнат или тотално загубен,  па нема теоретски шанси регуларно да ја одиграш претставата, го практикуваш штосот на чичко Гоше.
Замрзнато пиво. Го пиеш најбргу што можеш.
Делува откачено, ама важно делува...
Студеното пиво ги штима расштиманите гласни жици и после само десетина минути почнуваш да зборуваш сосема нормално. И тоа чудо трае токму толку колку што трае и претставата. Штом завесата се спушти, гласот ти се враќа во претходната заебана состојба.
Но, работата е завршена.

Или пак кога ти е затнат носот, е тогаш стапува на сцена финтата на Ангел. Шмркање ракија.
Истураш една чашка жолта во дланката, ја приближуваш до носот и...вшмркуваш. Ракијата ти ги прочистува сите канали. Го одзатнува и она што ни еден доктор на светот не може. Боли, нека си ебе мајката, ама помага. Само да не ти прејде во навика.
Кога ќе ја шмркнеш ракијата, таа те удира директно во мозоците. И во малиот и во големиот.

Децава што денес шмркаат триста и педесет глупости во прав и тоа во сите бои, не ни знаат дека ние сме шмркале уште пред тие да се родат. Ама ракија.
За здравје.

Гоше и Ангел секогаш седеа заедно. Пиеја заедно.
Кога претсанаа да играат во театарот, ги викаа на телевизија или на филм. И пак заедно. Во пакет.
Дури и тогаш кога ќе беа скарани од било кои причини, повторно седеа заедно. Никој не смееше да им се придружи на масата додека тие двајца не го решат нивниот проблем. Комуницираа преку Кленот.

Кленче, дај му една на говедово до мене од неговата пијачка и една за мене од мојата...“

Другиот ја прифаќа играта.

Кленче, кажи му благодарам на тој коњ и да даде Господ таа што ја пие последна да му биде.

Па ги пружаат чашките за да направат наздравје, ама без да се гледаат во очи. Го тераа филмот до крај.

Наздравје, гомно едно...“

Здравје да имаш, педеру стар...“

И така. До судниот час.

Кога умре Гоше, Ангел се пеплоса. Не толку заради тоа што знаеше дека тоа наскоро и него го чека, туку затоа што изгуби другар што му беше повеќе од брат.
Дента кога беше закажан погребот, Ангел беше прв во театарот. Седеше на нивната заедничка маса, нарача пијачка за себе, ама и за Гоше. Навистина беше жално и срцепарателно да се гледа чичко Ангел како тагува.
Ќе се напиеше малку од ракијата, па погледнуваше десно од себе накај празното столче и полната чаша.
Половина од својата доза ја сипаше во грлото, а другата половина ја истураше на подот, за душа на побратимот.

И ние се собравме во театарот уште рано сабајле. Според некои непишани правила во театарот, кога ќе умре некој актер, се избираат четири мажи-актери од помладите генерации кои ги извршуваат сите обврски околу мртовецот. И еден актер од постарата генерација како раководител на проектот. За смртта на Гоше, таа чест ја имавме Манас, Џоџо, Ѓорче и јас.
И Ѕунги кој веќе закопал многу од своите колеги, како церемонијал мајстор. Управата знаеше кого да ангажира за погребот да биде што позабавен.
И не згреши во кастингот.
Јас бев ангажиран како најмлад, а Џоџо и Ѓорче како најстрашливи кога се во прашање погреби и умрени.
И Манас како најстабилен од сите нас.

Опнавме по неколку во Клубот.
Во чест на умрениот, а и за разбивање на тремата.
Првата задача ни беше навистине тешка.
Требаше да одиме во болницата и да го подготвиме нашиот најстар колега за неговото последно патување. Од дома ни го дадоа неговиот најубав костум, за да го облечеме чичко Гоше свечено и достоинствено, како и што му доликува на еден господин, актер и боем.
Пред влезот на мртовечницата не чекаше дежурниот медицински брат. Едно типче кое личеше на сумо борач, со гардероба која секој момент ќе прснеше од неговото сало. Уште при поздравувањето, за време на неговото неразговетно претставување, можеше со сигурност да се потврди дека беше мртов пијан во 10 часот наутро. Не можеше ни името да си го каже.

Само што влеговме во мртовечницата, на Ѓорче му стана лошо и пожолте за неполни десет секунди, а пак Џоџо само се вкочани во место и стана...глувонем.
Јас решив машки да го поднесам тоа и се трудев да
не покажував никакви знаци на нервоза.
Манас пак, беше ладен како шприцер. Профи.

Го избричивте?“

По договор тоа требаше да го направи болницата.
А болницата го имаше само овој егзекутор на смена.

Тасма.“

Реши да ни ги покаже резултатите од својот пијан труд.
Го отвори фрижидерот во кој лежеше чичко Гоше.
Тоа беше прв пат да видам умрен човек во живо.
Нашиот најстар колега, лежеше спокојно како Ленин во својот мавзолеј. Беше облечен во небо сини пиџами.
Неговите познати бели коси имаа попримено некаква сребрена нијанса, а неговото секогаш вцрвенето лице беше апсолутно жолто. Пожолто од него беше само лицето на Ѓорче. Ако поразмислам малку подобро Ѓорче беше најжолт во собата, вклучувајќи не и нас,
а и сите други несреќници што лежеа во фрижидерите.

Ѓорче изгледаше како да ќе приумре тука, во мртовечницата. Вистинско место за умирање, нели?

Манас ми пријде и ми шепна:

А бе овие го искасапиле, пичка ли им мајчина...“

Го загледав чичко Гоше од поблиску. Дежурниот месар што го бричел, тоа го направил како со шмиргла.
Како да бричел жив душман, а не умрен актер.

“Шминкерите во театар ќе го средат.

Манас беше во право.
Нашите шминкери не средувале и тогаш кога сме биле живи мртовци, па што останува со мртов мртовец.

Го облековме чичко Гоше како матурант.
Во ходникот не чекаа луѓето од погребалното со ковчегот. Го сместивме чичко во неговиот вечен дом, го однесовме сандакот до мртовечката кола и се вративме во театарот. Таму веќе сите беа дојдени.
Последната претстава на чичко Гоше можеше да почне.


Според театарската традиција посмртните останки беа изложени во фоајето, а Ѕунги ги одредуваше четворките кои ја држеа последната почесна стража лево и десно од ковчегот на Гоше.

Се сеќавам добро дека неколку минути пред да почне  комеморативната седница која требаше да се одржи на театарската сцена, во театарот снема струја.
Ние помладите тоа го сфативме како знак од чичко Гоше кој цел живот ги мразеше и презираше тие глупави говоранции и траорни сцени кои се случуваа секогаш кога ќе умреше некој актер.

Кога ќе умре човек, еби го...“

Така викаше.
Така мислеше тој. Така почнав и јас да мислам.
До ден денешен.

Големите боеми си одат без помпа.
Ама не пропуштаат прилика уште еднаш, за последен пат да се заебаваат со нас живите.

Струјата се врати од паузата за ужина.
Комеморацијата помина онака...комеморативно. Црното такси-караван чекаше пред театарот.
Остана уште последната почесна стража која требаше да ја одржиме ние четворицата одредени од управата.
Според однапред договорената шема, Ѓорче и Џоџо беа напред, а јас и Манас одзади. Џоџо точно пред мене.
И тогаш Ѕунги со главата ни даде знак.
Сите четворица се наведнавме да го фатиме сандакот за рачките. И тогаш, во таа апсолутна тишина, се слушна:

Кррррррррррр...“

Прво помислив дека Џоџо прднал од напор. Но веднаш сфатив дека сум грешка. Онака наведнат, погледнав пред себе. Во кадар ми беше само големиот задник на Џоџо и огромната дупка која му се распарала на пантоланите низ која срамежливо ѕиркаа белите гаќи.
Сите четворица стражари се исправивме истовремено.
Мислев дека сум единствениот што го видел ова.
Камо среќа да беше така. Но, кога погледнав накај Манас сфатив дека и тој го видел тоа. Со свои очи.
Затоа, истите тие негови очи беа затворени.
Јасно му беше дека ако ги отвори и ме погледне, ќе прснеме од смеење и двајцата. Како што ни се случуваше многу пати на сцената. Тогаш, го збрчка лицето и направи најтажна, погребална фаца, адекватна за вакви прилики. Тргнавме со ковчегот накај излезот.
По традиција, големите актери од театарот се испраќаат со громогласен аплауз. Последниот во нивната кариера. И единствениот кој што не можат да го чујат.
Секој пат ме напаѓале морници од тој аплауз. И овој беше еден таков. Морбидно спонтан. Од срце.
И трогателен. Освен за Манас и мене. За нас беше трауматичен. Имавме две препреки пред нас.
Првата беше како да не се раскикотиме од киксот на Џоџо, а втората како воопшто да престанеме да го гледаме него и неговите снег гаќички. Го изнесовме чичко Гоше од театарот и го сместивме во гавранското возило за неговата последна релација. Тие последни педесет метри беа неиздржливи. Со Манас веќе не можевме да издржиме. Додека хистерично се кикотевме во себе, го тресевме сандакот толку силно што едно време помислив дека капакот ќе се отвори.
Мислам дека да се случеше такво нешто, Ѓорче ќе полудеше, а Џоџо ќе се расплачеше. А тој, во црно одело кое му било точно пред сто години, изгледаше неверојатно стуткано. Беше испотен како да излегол
од финска сауна. Одеше како на штикли.
Го држеше газот стиснат до болка и одвреме-навреме ќе ја покриеше дупката со едната рака.
Како стрејт тип по грешка влезен во геј-бар.
Или што би рекол чичко Гоше:

Како некој давајгаз си.“

Бев скоро сигурен дека стариот и мудар актер ги виде белите гаќи на Џоџо и дека уште еднаш умре.
Овојпат од смеење. Така и ја замислуваше својата смрт.

Кога ќе ме закопувате, сакам добро да се натрескате и да си играте мајтап. И со мене и со смртта.“

Решивме да му ја исполниме оваа желба.
Така, тој погреб стана посебна приказна.
Истовремено бескрајно тажен и црно-смешен.
Ако еден погреб воопшто може да биде тоа.
Откако го изложивме чичко Гоше во една од двете капели, почна последното поздравување на неговите блиски, пријатели, подржувачи и почитувачи.
Ние четворицата седевме на клупите и пушевме.
Со нас го зедовме и чичко Ангел, кој веќе беше добро нацицан од неколкуте последни ракии кои всушност му беа и првите без неговиот пајташ. Беше скршен.
Носеше со себе едно шише мастика и една кутија цигари за својот побратим. Имаше убава идеја.
Да му ги остави во ковчегот. За на оној свет.

Е, ние во тоа видовме шанса да го испочитуваме тестаментот на чичко Гоше. И да се заебаваме.

Поворката во капелата веќе беше при крај. Останаа само уште неколку вљубеници во ликот и делото на чичко Гоше кои се поздравуваа со него за последен пат. И ние со наш чичко Ангел на опашката од колоната.
Веќе не можеше ни да седи сам ни да оди сам.
Беше пијан и стар.
Подобро да бидеш пијан или стар?

Јас во тоа време бевпијан“, а денес сум стар“.

Да се вратам на погребот.
Додека го смирувавме чичко Ангел од тресењето на рацете и од солзите што неконтролирано му течеа, во другата капела до нас, тргнуваше уште една колона.

Умираат луѓето, не се заебаваат, луѓе мои.

Оваа поворка беше во чест на една стара бабичка, инаку денешна сопатничка на нашиот мил и никогаш непрежален колега Гоше до портите на Свети Петар.
Ни светна идиотска идеја. И ден денес не знам зошто го направивме тоа. А беше забавно до коска.
Го зедовме чичко Ангел под мишки и тргнавме кон капелата. Ама, кон оваа другата. Кај бабичката.
Бевме убедени дека Ангел нема воопшто да забележи. 
Тој сиромавиот ништо не можеше да забележи.
Од жал и од многу ракија. И бевме во право. Застанавме во редот и полека, но сигурно напредувавме кон целта. Кога влеговме внатре во капелата, роднините и пријателите на бабичката не гледаа со прашалници околу себе. Стигнавме до ковчегот во кој лежеше починатата. Чичко Ангел го пуштивме прв.
Едвај се движеше. Застана до ковчегот на бабичката.
Погледна накај неа. И таман кога помисливме дека тој ќе ни ја открие измамата и тука некаде ќе заврши оваа наша младо-луда и непромислена заебанција, само ги остави шишето мастика и цигарите до бабичката и почна да тажи потажно од најтажното.

Гоошеее...браатеее...држ сеее...“

Присутните во капелата изгледаа како да виделе дух.
А ние ќе се онесвестевме од напорот да се прибереме за да не умреме од смеење. Каков црн апсурд.
Чичко Ангел преку бабичката му кажа на Гоше да се држи. Ама не кажа точно за што да се држи. Знам што сигурно би му одговорил чичко Гоше да е во можност.

За мандалово...“
        
Човекот кој цел живот играше попови, и во театарот
и на филмот, тогаш кажа една ретко позната фраза и апсолутна вистина која баш беше некако...библиска.

Не е човек кој не умре...“

Не е битно што умрел човекот.
Битно е каде ќе му оди душата.
А душата на чичко Ангел веќе беше многу изморена.
И тажна без својот побратим.
Се обиде малку да проживее без него, ама не му успеа.
Па му се приклучи. Тивко. Скоро нечујно.
Со мала комеморација, скромен погреб, некролог од најблиските и колегите во весниците и три минути на последните вести. Целиот живот вреди три минути.  

Актерот е мртов, да живее актерот!

Заминаа двајца од најголемите бардови на вистинската боемштина. Боемштината не е начин на пиење, туку начин на живот. Слични се со блузот. Затоа и ги сакам.

Актерите боеми во својата сценска кариера стануваат се што ќе посакаат. Цареви и слуги, професори и клошари, херои и кукавици, добри и зли...
Актерите пијаници стануваат она што ќе го посака алкохолот. Петлиња, мајмуни, свињи и бувови...
Сите пијаници не се боеми.
Како што и сите боеми не се пијаници.
Има дури и такви боеми што не пијат.


................................................................................................
Share this post :

Објави коментар

 
Support : Creating Website | Johny Template | Mas Template
Copyright © 2011. Биди во тек - All Rights Reserved
Template Created by Creating Website Published by Mas Template
Proudly powered by Blogger