Image and video hosting by TinyPic
Home » » del

del

Written By Aleksandar on сабота, 27 јули 2013 г. | 00:23

Инаку во оваа моја студија постои и еден многу интересен момент. Кај некои колеги сите овие фази се случуваат во едно запивање. Од вечерта до утрото.
Кај некои тие фази се раздолжуваат низ целиот живот.

Најтрагично кај мене е тоа што кога почнав пак да пијам, немаше потреба повторно да поминувам низ сите фази на мојот стар другар, господинот Јелинек.
Веќе сум шетал низ нив. И што ќе правам пак таму?
Како кај компјутерските игри. Кога еднаш ќе стасаш до четвртото ниво, ич не ти е забавно да се враќаш пак на почетокот. Те интересира само тоа како да стигнеш до крајот на играта и да победиш, нели луѓе мои?

И еве ме денес во ситуација кога не знам ни во која фаза сум, ни во кое од животните се претворам.
Животните во кои јас се претворам се генетски комбинации на анималното во мене. Мутанти.
Петел што јаде банани како мајмун.
Мајмун со крилја од петел и уши од свиња.
Свиња што ги имитира луѓето и сака да лета како був.
Був што сонува да биде петел.
Був мислител.
Був филозоф.

Иако најискрено, во овој период немав време ни да мислам, ни да филозофирам. Беше страшно.
Бев ангажиран како коњ за теглење.
Барем да бев коњ за приплод.
Тоа што ми се случуваше требаше да се издржи.
Првата буква, првиот број и јас почнавме со работа.
Веднаш стартувавме со интензивни снимања на мојот нов заштитен знак. Тркалезниот квиз“.
Со Наца. Мојата вечна телевизиска партнерка.
Во Лепче ја викаат Мерцедес. “А“ класа.
Паралелно почнаа и блузерските патувања и концерти со моите секогаш расположени, поднапиени и никогаш непрежалени Скупски федери“. Мојот бенд.
И како расипан шлаг на таа невкусна торта, морав да се справувам и со моите должничко-доверителски односи.
Луѓето фирми на кои мојата фирма им должеше.
Кои постојано притискаа. Без усул. Сите до еден.

И Жан и Клод и Ван и Дам.
                            
А имав работа преку глава.
Преку мојата веќе потечена, набабрена и деформирана глава која личеше на распаднат школски глобус.
Целиот бев подуен. Стомакот ми беше како да сум во седмиот месец на благосоловената состојба, а градите како само да сум се породила. Односно сум се породил.
Во животот имам водено безброј разноразни избори на убавина и можам со сигурност да ви потврдам дека многу ретко се случуваше некоја од кандидатките да има такви гради како моите. Тројка.
Наца ми е понекогаш љубоморна на нив.
На снимање, на паузата помеѓу два квиза, додека се пресоблекуваме во гардеробата за новата емисија, таа кокетно ќе ми дофрли преку огледалото:

Оооооо...колега, честитам!“

Каков комплимент за моите гради. Ми годи.
Јас и онака се чувствувам како жена. До душа, една разочарана, измамена, незадоволена и напуштена жена.
А во последно време почнувам и да личам на некоја средовечна, климактерична и запуштена теткичка со големи гради, уште поголем стомак и најголеми газови.

Ете тоа ти го прави алкохолот.
Прво ти го пиеш него, потоа тој те пие тебе.
Прво те дуе, после те суши.
А може и обратно.
А и не мора.
Или те дуе па суши, или те суши па дуе.
Или, или...
Или ќе живеам 100 и кусур години или ќе умрам во
најтешки маки. Само Господ наводно знаел кога треба.
Како рековме?

Или, или...тоа е животот.

Или Реал или Барса.

Тука некаде, во тој период, ја напуштив Тур е на.
Луѓето од Првата буква, првиот број ми дадоа стан.
Конечно се прибрав дома. Ако јас воопшто имам дома.
Не бев нешто посебно импресиониран од станчето,
кое на прв поглед и не беше толку лошо. Повеќе бев воодушевен од соседството. Долу, точно под мојата тераса, се наоѓаше мојата нова база.
Новата канцеларија.
Кај Бате Диме.
Најдобар џигер во градот.
Едно од оние места каде што се чувствувам свој.
На своето. Меѓу своите.
Се дружам на иста маса и со јавни обвинители и со социјални случаи. Со таксисти, професори, денгубџии, случајни туристи, со добри сопрузи и лоши швалери...
И сите ги води една иста мисла. Ракијата на Бате Диме.
Ретко кој од нив доаѓа за џигерот. Или на ќебапчиња.
Ќебапчињата доаѓаат сами. На крајот.
И така...

Наутро, веднаш по изгрејсонцето, онака разбушавен и недоспан, излегував на терасата за да проверам дали денот започнал и кај Бате Диме.
Дали е отворена вратата, дали се изнесени столчињата, дали се наместени чадорите, дали скарата е распалена...
И право долу. На коњопој. А таму веќе на големо започнал симпозиумот на тема “Ден на дрвото“, иако тој ден заврши пред неколку месеци. Што има врска?

“Оооооо...добро утро, мајсторе. Ние малку си играме ден на дрвото. Ќе ни се приклучиш?“

Во чест на денот на дрвото, ќе се направиме дрва.
Ние пијаниците само тоа и го знаеме.
Да пиеме. И го признаваме тоа. А тоа е барем човечки.
Кога се знае дека се знае.

Има случаи кога се знае дека не се знае.
И тоа ми е океј. Фер е и кон себе и кон другите.

Најстрашно е кога не се знае дека не се знае.

Таму, кај Бате Диме го испеков занаетот.
Немаше потреба повторно да бидам чирак. Или калфа. Тоа би било ептен перверзно.
Јас одамна сум мајстор на својот занает.

Професорите докторираат.
Мајсторот може само да мајсторира.
Е па, јас кај него мајсторирав.

И наместо да ми се случи нов почеток, ми се случи уште еден почеток на крајот. Крај со однапред одредени и лесно предвидливи последици.
Со неславен и тажен крај.

Еден ден, кога скупското лето ја презема работата во свои раце, заседаваше Управниот одбор на објектот.
Дегустиравме нов, штотуку пристигнат контингент на домашна жолта од непознато географско потекло.

Не е битно од кај е ракијата, битно е кај ќе заврши.“

Бате Диме е секогаш во право кога се работи за ракија.

Управниот одбор бргу донесе стручни заклучоци за квалитетот на домашната, за нејзиниот вкус, за бојата, за мирисот на оригиналното буре во кое е чувана и го коментиравме венецот што ракијата го создава дури и кога е во обична чаша, што навистина ретко се случува.

И одеднаш, во целата таа наша опчинетост и опиеност од ремек делото што течеше низ нашите жили, некој го попушти тонот на телевизорот до даска.
По грешка, ама во вистинско време.
На Националната телевизија, во рамките на утринската програма стартуваше една од многуте кампањи со кои не бомбардираше државата во последно време.
Оваа беше врв.

Алкохолот не ти е пријател“.

Следуваше огромно негодување од публиката. Свирежи и пцовки. Како кон потплатен фудбалски судија кој не свири очигледен пенал за твојот тим.
Алкохолот божем, не ни бил другар. Жива глупост.
На некои од тоа друштво алкохолот не само што им беше пријател, туку им беше единствениот.

Штом алкохолот не ни е пријател, аналогно следува заклучокот дека не ни е ништо друго освен непријател.
А непријателот треба да се уништи.
Да се сотре. До дното. Од корен.

Дегустацијата се претвори во отворена битка.
Битката за овој ден беше однапред загубена.
Ама изгубена битка никако не значи и изгубена војна.

Друштвото дегустатори почна полека да се проретчува.
И утре има ден. Затоа и јас решив да тргнам накај дома.

Уаааа...дезертер!!!“

Колегите борци од четата беа разочарани.
Им го покажав средниот прст во знак на довидување.
И добро што избегав. Ракијата на Бате Диме делуваше на мене како топ. Ме катапултираше. Се почувствував како човек-ѓуле од некој циркус. Шибав накај дома.

Тогаш се појави Марфи. За сите овие години колку што се дружиме, прв пат настапи како позитивен лик.
Како Министер за ментално отрезнување.

Отидов да купам цигари. И весници.
Дома си направив едно големо кафе.
Си свиткав гооолема цигара.
И како некој искусен член на Пензионерскиот дом, седнав најсериозно да ги разлистувам весниците  илезени на тој ден кој полека привршуваше.
Кај нас се случува да читаш некој весник од минатиот месец и воопшто да не забележиш разлика.
Но, ова беше еден од оние глупави додатоци во дневните весници кои ретко кој ги чита.
Обично завршуваат во канатата за ѓубре истиот ден кога излегуваат. Овој беше на тема здравје.

Веројатно понесени од новата владина антикампања за анти антиалкохоличари, го објавиле и овој напис.


Тоа беше еден прашалник што се употребувал во процесот на дијагностицирање алкохолизам во Земјата што немаше потреба да се открива.
Проверете дали имате проблем со алкохолот“.

Треба да се одговараат прашањата со да и не.

Еве Ви шанса луѓе мои.
Проверете дали алкохолот Ви се меша во животот.

Прашалник САGE:
Cut, Annoyed, Guiltty, Eye-opener.


1.     Дали некогаш сте почувствувале дека треба да намалите со пиењето?
2.     Дали луѓето ви досадуваат и често го критикуваат вашето пиење?
3.     Дали некогаш сте се почувствувале виновен заради пиењето?
4.     Дали некогаш сте почувствувале дека пиењето ви треба уште кога ќе се разбудите?
                      

Има и уште еден начин на пиење. Од досада.



Два одговора ДА значат токму тоа.
Дека имаш проблем.

Јас имам четири да.

................................................................................................

И тогаш се случи тоа.

Бевме на Пеонското езеро.
Стотчето, јас и Супските федери. Имавме закажано три концерти на југот. Најјужно што може.
Решив да се стационираме тука.
Сите три градчиња во кои требаше да свириме беа оддалечени од 30 до 50 километри од Пеонското езеро.

Продаваме многу блуз за малку пари.
Или малку блуз за многу пари. Како кога.
Важно е дека сме тука. На југот.

Јужно е кај што зимата се шокира.
  јужно е кај што мозокот ти блокира,
  јужно е кај што срцето ти трокира,
  Јужно е кај што времето се стопира,
  јужно е кај што ништо не те сопира,
  јужно е кај што сонцето те допира.“

Пред две децении, Пеонското езеро старо милион години одеднаш почна да ја губи својата сила.
Почна да се суши. Да умира.
Од  капка најбистра солза капната на еден од образите на планетава, стана една најобична бара. Мочуриште.
Или како што тука го викаат – ѓољ.
Од сите богатства што ги поседуваше, останаа само змии, жаби, гуштери, мушички и...комарци.
Ама комарци. Големи колку врапчиња.

И кога сите помислија дека на езерото ќе му зобнеме од пченицата, се појавија неговите спасители...
Донесоа вода од преку три планини и долини и му дадоа една голема, витаминска инфузија.
Прв пат откако колективно глумиме демократија, државата направи нешто и за ова место.
И тоа во последен момент.
Државата или политиката?
Политика или не, што е битно?   
Подобро и политика отколку не.
И јас сум не, кога е политиката во прашање.
Одлучно не. Засекогаш не.
Политиката е курва, а мене ми е преку глава. Од курви.

Најважно е дека водата се врати.
Езерото конечно се врати дома.
Тоа е најважно.

Денес сум сведок и непосреден учесник во неговата возбудлива реинкарнација. Пеонското езеро и јас заедно ги живееме своите втори, непланирани животи.
Подарени или заслужени?
Нему животот навистина му го подарија заслужено, а јас треба да изедам уште многу фурни леб, за да го заслужам истиот статус што го има овој старец од милион години. Тогаш го викале Празијас.

Празијас. И јас.

Одев таму уште како клинец во златното време на Пеонското езеро. Продолжив да одам и за време на моите авантури во кои се обидував да ги откријам и најскриените места и тајни на оваа мистериозна земја.
Луѓе мои, кога денес ме прашувате каква е таа моја опседнатост со откривањето на она што никој од нас не ни сонувал дека постои, ќе Ви ја откријам вистината.
Додека моите пријатели, колеги, роднини и познаници своите годишни одмори постојано ги проведуваа на најегзотичните точки на планетата, а оние помалку платежно моќните одеа во нашето соседство, на “наше море“, во Татарија или во земјата на која не сакам ни името да и го спомнам, јас шетав по нашите авлии и сокаци, по нашите гори и планини, по нашата грутка.

Поарно принц на село, отколку просјак во градот.

А башка искрено си ја сакам мајковината.
Тоа е најмалку што можам да направам за својата земја.

Со “федерите“ се сместивме кај Шефот.
Најголемиот голман од овие краишта. Легенда.
Шефот има дланки колку моите стапала.
Кога на времето ќе застанеше на голот и кога ќе ги раширеше своите раце, противниците мака мачеа да пронајдат каква било дупка и да постигнат гол.
На Шефот не му требаше жив ѕид. Тој си имаше поставено свој непробоен, ама невидлив ѕид.
Трагедијата на противниците беше во тоа што тие не
ни беа свесни за постоењето на таа бариера.

Ја прошета Старата курва европска и се врати.
Она што го заработи од спортот, го вложи во...спортот.
И сега има свое царство. Кое го подели со спортот.

Заедно поминавме многу. И добро и помалку добро.
Важно е дека никогаш не ни беше лошо.
Шефот малку помалку од мене ја сака ракијата.
И тој, како и јас, сакаше да ја уништи, пред таа да го уништи него. И кога го загуби првиот меч, Шефот не можеше да се помири со тоа.
Шефот се уште има спортски дух.
Шефот не трпи порази.
Цел живот победувал.


Пиеше, па не пиеше.
Многу пиеше, па многу не пиеше.
Во последните неколку години ми се качи на глава.

Батали ја таа ракијата, не се заебавај...“

Само што се сместивме со “федерите“ по соби и се спуштивме на базенчето, се појави. Онака огромен.
Со уште поогромна насмевка.
Се изгушкавме како стари другари од војска.
Па тоа и сме. Борци.
Борци во животот, борци за животот и со животот.

Во моја чест реши да се напие. Седнавме на терасата.
Шефот, јас и гитарата...
Испивме многу. Од ќеф.
Кога падна мракот, Шефот стана.
Кога Шефот стана, јас тргнав.
На “федерската“ свирка.
Блуз пред Јужномакедонци.
Тоа е луѓе мои, како да му наместиш студентка на дедо.
Како да им делиш тринаеста плата на работниците.
Тоа е уживање. И за нив и за нас.
А тоа што се случи подоцна, не беше уживање.

Се уште не сум сигурен дали тоа беше краткометражен филм во траење од три дена, или долгометражен филм во траење од три минути. Тоа беше флеш.
Измешани емоции, измешани времиња. Можеби и траело три дена, ама за мене беа три минути.
Прв пат откако пијам се прашав дали човек навистина може да се убие од алкохол. Ама не бавно, полека и долго. Туку да се убие набрзина.
Како со нож, пиштол, отров или јаже околу вратот...
Како Николас Кејџ кој се разбуди во Егеецот во една од првите приказни од оваа хартија која трпи се..

Паметам дека за три дена спиев вкупно три часа.
Тоа и не беше спиење. Тоа беше само просто лежење, затворање на очите и...летање. Мојата стара болка.
Исконската болка на секој жив човек. Се можеме да направиме, само не можеме да летаме. Јас полетав.
И како ракета која ја напушта атмосферата и влегува во стратосферата, одеднаш, сосема неочекувано почнува да ја губи силата. Како водата од врвот на водопадот која на почетокот, пред да тргне удолу изгледа толку супериорно. Толку моќно. Притоа испушта еден силен, застрашувачки татнеж додека паѓа удолу во бездната. На крајот следува и оној познат жесток тресок на водата во прегратките не нејзината претходно пристигната сестра. Грмеж од кој ти се стега душата.
И одеднаш, после сето тоа покажување на силата и моќта, истата таа се претвора во прашина која за секунда станува невидлива. Како и да не постоела.
Токму тоа ми се случи и мене.

Тие што го гледале тоа од страна, велат дека тоа било страшно и невоможно истовремено. Стотчето кој добро ме познаваше, знеше дека тоа е уште една моја викенд алкохолна игранка. И тоа само со еден партнер.
Алкохолот. Федерите не се ни обидоа да ме следат.
Тие после талкање по локалните дупки и дружба со тамошните домородци, се враќаа на Пеонското езеро
со полн резервоар, ама празен акумулатор и елегантно се враќаа на спиење во своите одаи. Ама не и јас.
Крајот на свирката за мене никогаш не значи и крај на ноќта. Се земаа нови залихи на алкохолни пијалаци.
И храна. Како гориво.

Кај Шефот, шанкот отвора дури во 6 сабајле.
За мое добро. За добро на Шефот.
За добро на сите во непосредната околина.

Земавме алкохол и храна од друмската бензинска пумпа, како што се земаат шишиња вода кога се бега во подрумската скривница за време на бомбардирање.

Истото тоа се случи последната ноќ од турнејата.
Кај Шефот пристигнавме околу четири наутро.
Федерите се бањаа во базенот, а Стотчето ги заебаваше.
А јас немав намера да се заебавам.
Го отворив шишето тазе купен домашен фабрички коњак со својот неповторлив, одвратен вкус.
И си ја земав гитарата да повежбам малку.
Па не сум свирел цели два саата.
Блузот во мене ме тера на уште блуз.
Како политичар на иборен митинг што те тера да гласаш за него. А ни жена му дома не гласа за него.

Федерите се прскаа во базенот, баш онака федерски.
Французинот и Јојо. Блузери федери.

Стотчето доброволно дојде на рапорт.

“Морам да спијам. Треба да возам. Немојте да сте ме буделе, па и татко ми Ицо да станал од гробот. Кога ќе станам тргнуваме. Ајде старо. Се гледаме утре...“

Утре. Утре е дури утре.
Утре? Кое утре? Сега е утре. Кај мене денес е утре.

И “федерите“ се одјавија.

Французинот изгледаше како Монголец.

Ти ќе седиш?“

Јојо изгледаше како јо-јо.

Ние ќе легнеме.“

Федерска работа. Сами си го поставија прашањето, сами си го дадоа одговорот. И отидоа да си легнат во брачниот, француски кревет на Французинот. И на Јојо.

Сонцето запече за доброутро.
Сонцето на Пеонското езеро е феномен. Природен кич.
И јас сум кич. И не сум нормален ич.
Ќе Ве излажам ако Ви кажам дека не го испив шишето коњак што го купивме на бензинска. Го голтнав.
До последниот атом.
Ќе Ви кажам дека Ве излажав за нешто друго.
Ве излажав кога Ви реков дека овде комарците се големи колку врапчиња. Грешка моја, се извинувам. Поголеми се од врапчиња. Во целата таа тишина и совршен мир, еден таков курназ ми долета на масата.
Поточно на мојата кутија цигари. И ме гледаше право во очи. Очите со кои тој ме гледаше беа како џамлии.
И се вртеа во круг. Ротираа. Со се главата.
Телото му беше големо колку цигара. Ама “кинг сајз“. И мафташе сто на саат со своите крила...на врапче.
Мојата теза е ваква.
Кога природата и соседите од другата страна му го направија геноцидот на Пеонското езеро, тогаш свечено започна ерата на Династијата на комарците.
Птиците тогаш се преселија во поубави краишта уште многу пред зимата. И не се вратија со години.
Останаа само најмалку храбрите и најнемоќните птички. Врапченцата. И сега, како што тоа обично се случува, некој од младите комарци се вљубува во една убава и многубојна врапчица која останала да живее во заедница со домородците-комарци од Пеонското езеро.  
Љубов меѓу две врсти. Меѓу два вида. Меѓу две вери.
Забранета љубов.
Комарец и врапчица.
Како Ромео и Џулиета.
Капулети и Монтеки.

Овој беше нивни потомок.
Како што долета на масата, другите комарци се разбегаа. Овој сто насто им беше некој главен на овдешниве Пеонски комарци. Некој функционер.
Или политичар?

Ми текна. Ова им е шефот на полицијата.
Дојден е малку да ми проба од крвта.
Па зошто да не?
Шефот на полицијата ми долета на раката.
Време е за наплата.
Рекет.

И тогаш, точно во шест часот наутро...му се обратив. На комарецот. Како на човек.

Касни ме брате, слободно. Дојди и напи се малку стара, боемска крв. Дојди да цицаш. Дојди кај мама.
Па да видиш што ќе ти се случи. Ела ваму бе, гомнар...“

Комарецот ме погледна со своите џандарски очи.
Тргна накај мене.

Ела...ела ваму...дојди пиле...дојди...“

Ми се залепи за раката.
Последен пат ме погледна, а јас му климнав со главата во знак на предавање. Го развиорив белото знаме.
И тогаш луѓе мои, ја извади сурлата која личеше на дупчалка за бетон, на голем шприц, па ми ја збрца под кожата. Ме пецна како инекцијата на забар.
А јас го пуштив да си работи и да ужива. Си седев најспокојно што можев и гледав како мојата крв тече низ неговиот шприц на муцката. Исто како што тече течноста од инфузијата низ цевчињата. Со меурчиња.
И откако ја прими својата доза и ми го наплати рекетот, шефот на полицијата отиде да пишува други казни.
Одлета без поздрав.

Мислам дека полудувам...

Стотчето се разбуди околу осум. Го порача своето проштално кафе и вртеше телефони.

Јас седев со двете снашки на Шефот.
Кока и Кика.
Шанкот проработе, па проработев и јас.
Веќе шибнав неколку. Пеонски појадок.
Ракија на гладно.

Бошко мој веќе ги даваше своите знаци со лаење.
Сакаше да си ги задоволи своите три основни потреби.
Мочкање, какање и сакање...
Тој мочка и кака. И мене ме сака...

Отидовме на неговото омилено место од другата страна на улицата. Зад гаражите. Бошко е јавна личност.
Бира кај ќе уринира. Јас за жал – не.
Сонцето ме запече повеќе од комарецот.
Тукашното сонце во осум наутро, пече како скупското сонце во три на ручек. Спарно како ретко кое парно.
Луѓе мои.
Додека Бошко мој се олеснуваше, јас одеднаш како да снеможев, секундарно се накострешив и...кивнав.
Ама не е само тоа.
Кивнав и повратив истовремено. Без да бидам свесен за тоа. Повратив стоечки. Неконтролирано.
Па уште еднаш.
И трет пат, за разделба.
Еве уште еден знак.
Едвај ја преминав улицата за да се вратам назад.

Што си бе ти толку блед?“

Кока забележала промени на моето напатено лице.
Сигурно сум изгледал како за аутопсија...
И кажав што ми се случи малку пред тоа.
И признав дека тоа алкохолот ми дава гнасни знаци.
Таа се насмеа и саркастично и загрижено.

“Е не, ќе те тинтра...“


Кика беше поконкретна.

“Претеруваш. Ќе те утепам.“

Кога ќе станам татко сакам да имам вакви снаи.
Ако станам. Ако не станам, нека изгорам.

Стотчето го испи кафето со големо олеснување.
Ќе си одиме дома.
Се подравив со снашките и влегов во БМВ-то.
Внатре веќе почнало да зоврива.
Тој ден беше и официјално првиот ден од летото, а сонцето стартуваше како едвај да го дочека денот.
Ако е ваков првиот ден, каков ли ќе е најжешкиот?

После само десетина километри по автопатот, ракијата сакаше да го напушти часот. Од сабајлето ја пуштив малку на мочањето, па на стоечкото повраќање, а сега запнала да ми излегува од под кожата.
Како за време на добар секс.
Внатрешноста на автомобилот засмрде како во градски автобус. Алкохолот ме напушта бавно и неволно. Почнав да ги отворам сите прозорци.
Се разлетаа сите можни хартивчиња и целофанчиња  и весници што ги имаше во нашиот друмски убавец..
Стотчето се изнервира.

Што правиш бе старо?

“Ништо. Вози. Не ми е добро. Се мрднав од повраќање. Повраќав стоечки.“

Стотчето ме погледна во ретровизорот.

Ќе почнеш и лежечки да повраќаш. И додека спиеш ќе повраќаш. Така дедо ми Доне. Пиење? Ова твоево не е ништо. Дедо ми Доне...“

И ќе ја разврзеше приказната. Исто како татко ми.
Сите приказни му почнуваат од четириесет и некоја.
Стотчето раскажуваше како што всушност и живее.
Конфузно.
Не дека тој беше претерано среден во животот пред да ме запознае мене, ама со мене му се измешаа брзините.
Сепак, тој ден за прв пат откако е со мене, Стотчето
ми кажа нешто што воопшто не го очекував.

Се заебаваш, старо...знаеш дека никогаш не сум ти се мешал во животот, ама морам да те прашам нешто.“

Прашај.“

Пак ме погледна во ретровизорот.

Знаеш ти колку испи за овие три дена?“

Не сакав да знам.

Ти знаеш?“

Стотчето запали цигара.

Шест.“

??????????????????????????????????????????????????????

Што шест?“

Ги подигна темните очила за сонце. Како да сака да ми го каже директно во очи, тоа што ќе ми го каже.
Преку ретровиорот.

Кила. Шест кила ракија, староооо...“

Стотчето блада.
Му одговорив како мало дете.

Како да не, шест...“

Шест, шест...намерно ги броев. За да знаеш. Е толку испи брате. Шест кила. И тоа кај Шефот. Оние твоите омилени пијачки на последната буква за време на свирките, тие не ти ги есапам. Тие ти се од мене.“

Во тој момент, сонцето го снема.
Некој го изгасна светлото. Загрижен од фактот што ми го кажа Стотчето, не сум ни забележал дека сме влегле во тунел. Луѓе мои, каква симболика имаше ова.
Ем тунел, ем мрак.
И ова беше знак.

Многу е тоа бе брате.“

Ова му го кажав најискрено.
Стотчето ги врати темните цвикери на очите.

Многу...“

Во Скупи стигнавме во најжешкото. Стотчето не истовари мене и Бошко мој пред зградата.
И триста торби, кеси и глупости.
Патувачкиот театар конечно се врати дома.
Едвај се довлечкавме. А пред вратата ме чекаше срцето мое мило. Марфи. Не сме се виделе цел викенд.

Само што го ставив клучот во бравата, сфатив дека тоа не е мојот клуч. Од мојот стан. Што не е мој.
Мојот клуч го нема. Овој е туѓ. Овој сум го земал најверојатно по грешка. Пијана грешка.
А мојот сум му и го оставил на жртвата.

Како? Каде? Кога?

Барав по торбите, по џебовите...го нема.
Го нема бе, го нема. И точка.
Бошко почна да збеснува. Ќе полудевме и двајцата.
Беше пекол. И темпаратурен и мозочен.
Не сакав да малтретирам никого од соседите.
Ги имав видено еднаш пред врата, два пати во лифтот и три пати пред зграда. И толку.
Ми текна да и се јавам на Сашка.
Од Првата буква, првиот број.

Добро, не се нервирај. Ти го праќам резервниот клуч по човек најитно што можам. Биди таму.“

Клучот што ќе го чекаме е клуч за нашиот проблем.
Барем ќе влеземе дома. Изгледавме навистина бедно со Бошко мој, тука на скалите пред влезната врата.
А околу нас, се она што го имаме во животот, сместен во две-три торби и кеси распослани низ ходникот.
Како азиланти.
Два пати се симнувавме со Бошко да го пречекаме клучот. И два пати безуспешно. Веќе бевме пред топлотен удар, кога Сашка ми јави деќе клучот ќе задоцни малку. Тогаш експлодирав.
Наеба дечкото што го донесе клучот, не по своја вина.
Наеба и Сашка, ни крива ни должна.

Наебавме и Бошко и јас...

Дома беше средено. Немаше што да биде несредено.
Само мебел. Другото е со нас.

Пуштив клима. Бошко се смести до мене.
Многу сакаше кога климата дуваше директно во него. Само ќе замижеше и уживаше.

На телевизија фудбал. Па, да бе. Во тек е Светското првенство во фудбал. А јас заборавив. Луѓе мои.
Потполно заборавив. А знам и зошто.
Алкохолот не ми дава. На половина луѓе на планетава, фудбалот им е најважната споредна работа на светот.

За мене алкохолот е најважната главна работа.

Португалците против Корејците. И тоа оние северните.
Давид против Голијат.
Глувци против мачки.
Како јас против алкохолот.

Се наместив на троседот во онаа карактеристична поза во која мажите гледаат фудбал. Сите четири во вис.
Мислев дека тоа ќе ми помогне да се опоравам од последиците здобиени во битката со шесте литри ракија. И од оние педесетина пијачки на последната буква што ги пиев за да ја неутрализирам ракијата.
Дури тогаш, така испружен во хоризонтала, почнав да чувствувам дека нешто ми се случува низ вените.
Тоа мојата крв изгледа ми дава некакви знаци.
Затруената крв што ми тече низ алкохолот.

Тогаш 1:0. Португалците им го дадоа првиот гол на малите и жолти Корејанци. Ама се изнамачија.

Бошко ми заспа меѓу нозете. И тој се изнамачи.
Овој викенд беше убиствен и за двајцата.

И одеднаш, оваа фудбалска идила, ова релаксирачко неделно попладне, ми го прекина лошиот квалитет на сликата на телевизорот. Толку малку време проведував во ова станче што ми го дадоа од Првата буква, првиот број, што не само што немав кабелска телевизија, туку немав ни најобична собна антена. Па Стотчето мораше да направи триста финти за да го спои кабелот од некогашната кабловска со едно смешно парче бакарна жица, за нешто од нешто да можам да гледам.
Јас, кој сум еден од најголемите телевизиомани што лично ги познавам, практично гледав само неколку домашни телевизиски канали и тоа со многу лош сигнал и уште полоша програма. И баш ми беше гајле.
Ете уште едне знак.
Дека алкохолот полека, полека ми ги одзема и последните неколку задоволства кои ми останаа.

Станав да ја поправам сликата. Ја шетав жицата низ собата и ја местев во сите можни позиции за да добијам што поквалитетна слика. Ви се случило тоа, нели луѓе мои. Како Мистер Бин. Ништо, џабе. Со се антената, излегов на терасата. Веднаш го почувствував она наше познато и одвратно скупско ветерче-педерче, кое во најжешкото можно попладне дуваше како фен.
Успеав некако да го поправам квалитетот на сликата од фудбалскиот натпревар, па се вратив на троседот.
Резултатот се уште беше непроменет. 1:0.
Не се даваат жолтите. И Нострадамус вели дека многу бргу ќе завладеат со светот. Зар веќе не владеат?

Наеднаш, почнав да чувствувам силни вибрации низ целото тело. И оној одвратен звук на микрофонизација, кој обично се појавува на пробите на рокенрол бенд.
Она пиштење од звучниците кое ти ги затвора очите,
те тера сам да си ги затнеш ушите и да ги покриеш со дланките. Звук што те вади од влечки. Се исплашив.
Такво нешто прв пат ми се случува. Станав на нозе.
Во мене имаше енергија како да сум голтнал полна рака екстази. Кога мислиш дека не ја допираш земјата.
Се обидов да тргнам кон бањата. Луѓе мои.
Слалом низ дневната соба. Ама лош слалом. Ги удрив сите можни препреки поставени на патеката до целта.
Морав да повратам. Стигнав некако до шолјата.
Ја зграпчив белата, гомнарска корпа од керамика и ја гушнав како детенце. Во стомакот ми се случуваше револуција. Или нешто бетер. Контрареволуција.
Се мачев цела вечност барем нешто да исфрлам од себе. Ништо. Тогаш помислив колку би било добро да се исповратам самиот себе си. И да завршам во таа мала, фекална дупка. Сите гомна на своето место.

Смрзната пот ми го шокираше телото. Течеше од мене. Како да сум излегол од студен базен. Влегов под туш. Пуштив жешка вода. Да го убијам студот.
Надвор беше скоро четириесет, а јас го убивам студот.
Нонсенс. Апсурд. Трагикомедија.
Уште еден лош знак.
Се вратив во дневната. Бошко веќе беше вознемирен.
Почувствувал дека ме нема. Ги почувствувал сигурно и оние чудни вибрации што ги произведуваа моите сто и скоро дваесет килограми, кои се влечеа по паркетот.
Махинално му викнав...

Тука сум, тука сум.“

Тој кутриот ни ме гледаше, ни ме слушаше.
Ама ме чувствуваше.
Тргна накај мене мрдајќи со опавчето, стаса до крајот на троседот и...падна од него. Цвикна најтажно од се.
Си ја повреди ногата. Како што паднал на паркетот, еден од неговите најголеми нокти се скршил од корен.
Му течеше крв.
Бошко мој само седна во својата поза и почна да си ја лиже ногата. И да ја враќа својата крв на нејзиното оригинално место. Со сласт на мало Дракулче.
Тоа го правеше најспокојно што може.
Станав да земам тоалетна хартија и да ја избришам крвта од ќилимчето на кое седна Бошко.

Се исправив, застанав само малку на нозете и тогаш...

??????????????????????????????????????????????????????

!!!!!!!!!!!!!!!!!!!!!!!!!!!!!!!!!!!!!!!!!!!!!!!!!!!!!!!!!!!!!!!!!!!!!!!!

Кога се освестив, се најдов себе си на подот.
Бошко легнат до мене. На чергичето.
Сум паднал меѓу радијаторот и телевизорот.
И сум ја акнал долната вилица на едно од овие нешта.
Ме болеше како кога ќе претераш со кокаин.
Седнав на троседот. Немав снага ни да го земам мобилниот, ни да се јавам некому за помош.

Фудбалот беше пред крај.
На екранот го пишуваше моменталниот резултат.
7:0
7:0. Нострадамус ја утнал ептен.
7:0. Мајко моја.
Сум имал помрачување на свеста во време од 6 гола.
Еве го и последниот знак.
Готово е.
Нека си ебе мајката, готово е.

Ова мора да престане. Ова мора да заврши.
Или ова или јас.

Во овој момент, јас сум за...јас.

Станот беше преполн со дамки од крв. Бошко бил на прошетка. Слепа и глува прошетка. Ама сепак успеал да се врати кај мене. Кај неговата пијана и болна мама.
Дојдов до мобилниот. И се јавив на Дотка.
Немаше многу што да и објаснувам. Само и кажав:

Готово е Дотке, крај...“

А Дотка, за прв пат откако ја знам, остана без зборови.
Само едно кажа.

Ај да го видиме и тоа чудо“

Таа добро знаеше дека ова може да ми е моментален хир или чин на слабост кој ќе ми помине уште утре.
Но таа исто така знае дека ако јас се заинаетам, не постои такво магаре ни во Лепче мое.
Само што сега немаше потреба од инает.
Сега ги немаше другите, за да им водам инает.

Првиот пат престанав заради другите.
Сега ќе престанам малку заради себе.

Натпреварот заврши.
Португалците ја завршија својата работа.
Седум плус.
Време е и јас да си ја завршам својата работа.
Иако мојот натпревар дури сега почнува.
Сам против себе.

Му се јавив и на Стотчето. Му соопштив.

Ајде шуќур.“

И го замолив, утре да ми ги купи од аптека сите работи кои ми се потребни за старт на третманот.
Од утре почнуваме.
Ова не е заебанција.

Оној горе, во кој не верувам, после цели седумнаесет години, ми даде и втор жолт картон.
Автоматски следува црвен. Исклучување.
Не си повеќе во игра.
Ни јас не сум. И не сакам повеќе да бидам.
Ич не ми беше добро.

Луѓе мои, нема да ми верувате што се му се случуваше на мојот организам тој прв скупски летен ден.
На секои неколку секунди добивав по еден мал струен удар од непознат сторител. Рацете и нозете ми се тресеа потполно неконтролирано. Дома немав никакви апчиња за смирување. Такви не користам. Мене во животот ме смирувала само ракијата. И тоа експресно.
Тоа е проклетијата. Само ракија те спасува од ракијата.
И затоа треба да се остави алкохолот. И точка.

Ама треба и да се прослави во име на тоа.

Не му ја мислев многу.
Го грабнав Бошко и излегов на скупскиот асфалт кој цвичеше од целодневната тортура на сонцето.
Тогаш ми текна дека е недела, а Бате Диме не работи.
Во недела само до пет.
Ми текна и уште нешто. Дека отспротива работи софрата на Деки. Тој работеше и во недела.
Тој не ја отвори кафеаната за гости. Туку за себе.
Седеше со две госпоѓи кои само што ги запознал.
Не ме ни праша дали ќе пијам, само ми тури од дежурното бокалче. Немав намера да се бунам. Ни да им објаснувам. Затоа и дојдов. Да испијам малку ракија за да ми се смири тресењето на екстремитетите.
Ракијата прејде во множина.
На крајот излегоа седумнаесет.
Мојата последна ракија помножена по 17.

Со Деки и госпоѓите не комуницирав ни минута.
Само понекое куртоазно прашање и познат одговор.
Вечеравме. Јас јадев како стока. Веќе бев сигурен дека ова ми е последната алкохолна софра во животот на која и јас активно учествувам. Некаде пред полноќ, погледнав во ѕидниот часовник на Деки.
Се поздравив со убавото друштво и си тргнав. Само за да бидам принципиелен до крај и да го испочитувам почетокот на денот од кој решив да не пијам повеќе, морав да бидам во мојата изнајмена резиденција и тоа најдоцна до 12 часот. Како пепелашка.

Дома влеговме точно на полноќ.
Бошко уживаше во коските од скарата кај Деки, а јас
во мирот што ми завладеа во душата. Иако, морам да Ви признаам луѓе мои дека не ми беше сеедно.
Истовремено почувствував и големо олеснување и голем страв. Како да тргнувам во нешто непознато.
Трагедијата е во тоа што јас точно знам каде одам и што се ме чека на патот. Едно е јасно.
Од утре се ќе биде друго.

Кај Деки завршив со прикаската.
Испив скоро кило ракија, изедов точно кило скара.
Дома испив уште кило и пол вода.
И испушив две цигари.
Една странска и една Јужномакедонска.

Ете, токму така заврши првиот ден на летото, а воедно и последениот ден на ракијата.
Заврши и вториот чин од мојата драмаЖивот“.
Ми останува само да го одиграм и овој последениов, трет чин, пред да се спушти завесата на претставата.
Таа ноќ решив да напишам уште една книга.
Оваа што сега ја читаш, читателу мој скап.


................................................................................................
Share this post :

Објави коментар

 
Support : Creating Website | Johny Template | Mas Template
Copyright © 2011. Биди во тек - All Rights Reserved
Template Created by Creating Website Published by Mas Template
Proudly powered by Blogger