Image and video hosting by TinyPic
Home » » 1 del

1 del

Written By Aleksandar on сабота, 27 јули 2013 г. | 00:18

Ракијата на гладно боли како нож во стомакот.
Ама болат само првите неколку. После е рај.
И таман ќе стигнеш до рајските порти, лепчињата на Баба Маца те заспиваат како бебенце, уште во девет.
Спијам до пладне.
Па станувам со зевање и протегање како да ми е прв пат дента. Со мало бучење во главата.
Ама продолжувам со исто темпо.

Мавам уште неколку од нога, па се упатувам право
во  “Куќата“, модерната меана горе над селото.
Со величествен поглед на архитектонскиот убавец стар 1000 години, изграден од Царот на ослепените војници.
Само што на секој стоти од неговите војници му оставале по едно око, за да може да ги води овие другите. Е тука, некаде околу ручек, ние не гледавме ни на едно око. Двете се скоро затворени.
Од таа пуста ракија...
Се враќам кај Баба Маца во “заразното“ одделение веќе дебело инфициран од алкохолните испарувања..
И пак, поптолно исто како и пладнето. Се онесвестувам пред телевизорот, се покривам преку глава и заспивам.
Од ново.
А вечерта околу девет, кога селото затвора и престанува со работа, се будам свеж.
Како марула во Декември.
Е дури тогаш тргнувам во живот.
Или смрт?

Ова е опис на само еден ден проведен во Лепче.
Само една епизода во драмската серија под наслов “Самоубиство во најава“.

Таму докторирав по втор пат.
Уште еднаш ја одбранив одамна одбранетата тема.
Таму за прв пат почувствував дека ми доаѓа крајот.
Дека нема заебанција.
Дека ќе се умира. Бргу и неквалитетно.

Кило ракија на ден.
Како ви звучи, луѓе мои?
Нормално?

Да земеш да истураш по едно кило ракија секој ден на радијаторот, сигурно нешто ќе му се случи.
На радијаторот.
Бојата ќе му се излупи, гвинтовите ќе му попуштат, па ќе почне да тече, па паркетот ќе се подуе, па после кај комшиите одоздола ќе прокапе, па ете нови проблеми,
па загрижени комшии, па куќни совети.
Пак беља.

Инаку и Стотчето многу сака да се напие понекогаш.
И завршува исто секогаш. Катастрофално.
А две пива му се доста. Третото е премногу.
Ракија никако.
Ракијата му делува како керозин. Ќе полета.

А утредента додека тој умира, ние наебуваме.
Офка како да се пораѓа, па после гувее како леунка.
Тогаш, нашето “инфективно“ станува амбуланта.
Мерење притисок, масажа на главата, ладни облоги...

Зошто не си умрев лани?“

Неговата прочуена реплика.
Стотче, Стотче, Стотчеее...

Тој не ми се лути што го викам така.
Ама сепак, за инает, мене ме вика “старо“. Демек дедо.
Тој се лути кога другите го викаат така.
Особено Другарот Ќ.
Неговата потсвест. Неговото второ јас.
Другарот Ќ. е вечна тема на сплетките на Стотчето, кој ужива во тоа да му го загорчува животот. Од ништо.
Последниот пат го претера. Неговите иживувања врз името, ликот, делото и телото на Другарот Ќ доживеаа кулминација. Стотчето беше зацицан од сабајле
со ракија и пиво. Ја чистеше воздушната пушка.
Го викаше Другарот Ќ. Кој работеше нешто во дворот отспротива да дојде на ракија, ама овој го одби.
Еднаш, двапати, петпати...

Ќе дојдеш ли маченце?“

Стотчето сака да го полуди.
Ама и Другарот Ќ. е мачкан со сите масла.

Мачки да те изедат, пичка ли ти сестрина.“

И тогаш, Стотчето стана, се протегна значајно, ја зема воздушната пушка, нанишани и...
Го погоди директно дебелото месо. Сачмата до коска. Од еден во друг двор.
И тоа дрво пијан.
Трезен сигурно ќе го промашеше.
После истрелот, го слушнавме само Другарот Ќ.
Викна како да го дефлорираат и падна покосен на тревникот. Тогаш стана и полуде. Тоа беше викање, заканување, болница, полиција, држ, не давај...
Му пукнаа сите филмови во режија на Стотчето.

Да даде Господ, догодина ова време, една година да ти даваме, лајно едно, за душа ти пиеме, ич да не плачеме, вицови да кажуваме и на гробот да ти се измочаме...“

И отиде и во болница и во полиција заедно.
 
Стотчето се качи горе во инфенктивно да ја отспие ракијата. Ќе трае тоа до утре. Најмалку.

После еден час Другарот Ќ. се врати од својата болничко-полициска операција. Влезе во дворот очигледно кривејќи со едната нога која му беше во завои до колкот. И пријде на Баба Маца.

Кај е тоа гомното?“

Баба Маца не го ни погледна.

Спие. Ти добар си?

Не сум...не. Ќе го тужам, ќе види...“

Баба Маца продолжи со плетењето.
Знаеше дека Другарот Ќ. никогаш нема да го направи таква глупост. Само грака.

И откако Ќ. виде дека нема партнер за кавга, тргна кон излезот онака повреден, па се заврте после два чекора.
Направи смирена фаца и низ огромна воздишка и ја  кажа најбесмислената и најнепригодната реченици за вакви апсурдни ситуации. Бисер за паметење.

Види Мацо, ти знаеш колку јас тебе те почитувам, те сакам како мајка, тука сум постојано за било што и да ти треба и затоа слушни го ова што ќе ти го речам.
Кажи и на онаа стока пијана горе, дека кога ќе стане од спиење............ мамичето мамино ќе му го ебам. В газ.“

И бидејќи не беше свесен каква историска глупост кажа, дека само што и кажа на Баба Маца дека има намера да општи со неа, тој само одважно се заврте, притоа заборавајќи дека е тешко повреден во газот,
па почна да криви со смешно болни гримаси на лицето.
И уште мафташе со прстот од едната дигната рака во знак на предупредување и закана...“

Во тој момент слушнав чуден звук.
Погледнав нагоре кон терасата и имав што да видам. Стотчето, само по гаќи, со збрчкана глава од спиење кое беше прекинато на еден брутален начин од грачењето на повредениот Другар Ќ.

“А бе ти улав ли си, каков ли си. Што се дереш, бе?“

Другарот Ќ. се стаписа, ама сепак проговоре.

Копиле, ќе ми  платиш за ова и тоа со камата...“

Стотчето се заврте на терасата како да ќе земе цигара или нешто слично. Ова не беше ни слично.
Ја зеде воздушната пушката.

Е сега ја ебав тетка ти Краснодарка.“

Нанишани и пак пукна по Другарот Ќ...
Овојпат промаши. Тоа е тоа.
Со алкохол право во газот, а вака мамурен не.
Без разлика што Стотчето промаши, Другарот Ќ викаше како да е погоден. Трчаше накај дома.

Го немаше три дена.
Се појави едно утро кога беше сигурен дека идиотот спие горе и влезе во “интерното“ одделение. Ни кажа дека дошол на кафе и за да не види мене и Баба Маца.

За вас сум дојден. За копилето не сакам ни да чујам. Смрден еден. Ни на гроб не му одам.“

 Другарот Ќ. знае дека Стотчето не арен.
Па не е луд за да не види дека овој е луд. 
На скалата на лудилото од 1 до 100, Стотчето е таму кај што и заслужува. На 100-тка.
Доследен си е на прекарот.

И секогаш кога лудакот ќе направи некоја глупост, јас на Баба Маца и ја кажувам истата приказна.
Дека ова не е нејзино дете. Ова е некое што и го подметнале во болницата уште првиот ден по раѓањето.
Нејзиниот вистински син најверојатно се наоѓа на некое сосема друго место. И сигурно е некое стабилно, скромно и прибрано момче. Овој нашиов е ѕвер.
Особено кога е раздразнет од алкохол.

Во суштина, луѓето се најсовршените животни.
На трезно, секогаш се трудат да одат напред.
Да научат нешто ново, да почувствуваат нешто друго, да видат и чујат досега невидени и нечуени нешта.

Тука, во Лепче, за прв пат почнав во некакви стари, неупотребени тефтери да ги запишувам моите размислувања за поврзаноста на животинското што го носиме во себе си и алкохолот, и како сево ова ни се манифестира и рефлектира во алкохолизирана состојба, иако ни на крај памет не ми беше да пишувам книга, а камо ли дека таа ќе биде една прозна ода посветена на мојот најверен пријател, алкохолот. Искуствата што ги стекнав во деновите и ноќите пробдеани по секакви угостителски дупки, театарски бифиња и шанкови, ме натераа да почнам да ги овековечувам смешно-тажните стории и да ги чувам, за секој случај.
Е сега е тој случај.  
Лепезата на ликови што поминаа низ моите алкохолни реминисценции, беше навистина импресивна.
Возбудливо различни профили на луѓе.
Од клошари до универзитетски професори.
И сите, буквално сите се реинкарнираа во секакви можни животински варијации.
Полудуваат анималните инстинкти.
Алкохолот не бира.
Како вирус е.

Во Лепче ги напишав моите први неколку редови кои станаа дел од овој прирачник. Направив моја поделба, по фази, за животинското однесување на луѓето кога се на алкохол. Прости ми, брате Јелинек. Ова што го напишав сигурно нема да влезе во ниеден стручен труд посветен на алкохолизмот, но доволно е читателот сам
да се препознае себе си или некој свој близок и сето тоа позитивно да влијае на неговата психа.

................................................................................................

Анималните фази на алкохолизмот“

Прва фаза.

 “ПЕТЕЛ“

Сте забележале ли луѓе мои, како петелот го колве семето во дворот? Му приоѓа решително, ќе го земе зрното со клунот и со една посебна техника, за само еден дел од секундата, како на екс го џитка во гушата.
Потоа зема уште едно, па уште едно...
После третото зрно, почнува да се “петели“ низ дворот. Значи, откако добро ќе се наколва, на петелот почнува почнува да му се дига петлето. И многу му се колве. Некоја кокошка.

Така и луѓето, луѓе мои.
Штом се напијат три, веднаш стануваат петлиња.
Се вртат во круг, трчаат како да се муви без глави
и кукурикаат со зарипнато гласче, смешно мафтајќи со рацете како петлите што се кочоперат со своите крилја.

Или по скупски, петлите многу сакаат да се курчат.

Така, еден петел еднаш му се курчеше на Бошко мој.
Бевме поканети на гости на некоја селска слава со градски луѓе, во фантастичен амбиент, сместени во центарот на една прекрасна борова шума.
Ракиишта, салатишта, скаришта...

Бошко мој тогаш беше во најубавите години.
И за секс и за тепачка.

Си го видел ти мојот петел?“

Газда Клапчо бапна три и почна да се курчи.
Да се петели со својот петел.

Сакаш да го видиш мојот петел?“

 Ова прашање заслужуваше одговор.

Е сега, да сум некоја скупска женска, би можела да ти ја зашлапам една, заради овој твој безобразен предлог.“

Сите се насмеаа на овој мој феминистички виц.

Не, не..сериозен сум. Сакаш да го запознаеш Коки?“

Петелот му се вика Коки. Е, ќе се убијам.

Коки е шампион. 350 борби без пораз.“

Газда Клапчо стана како петел и отиде по петелот.
За неполна минута се врати со едно шарено чудовиште во рацете. Тоа беше еден прекрасен примерок на наш домашен, рурален петел. Седеше во рацете на својот добротвор гордо и со исправена глава на чиј врв, како знаме се вееше неговата прекрасна, црвена капчунка.
Вртеше со главата лево-десно како забрзана снимка.
Како тој да бапнал три ракии, а не газдата.
Му излета од рацете на стопанот и се расртча низ дворот. Неговите несредени движења, страшните звуци кои ги произведуваше шлапајќи со крилјата и пискавиот глас што го испушташе, внесоа вистински немир во нашите редови. Особено кај Бошко мој.
Кога го виде Коки, почна да р’жи на десетка.
Сакаше да ми се излизга од рацете како тазе фатена пастрмка. Го спуштив на тревата. 
Коки против Боки.
Се гледаа како на двобој.
Коки беше два пати поголем од Бошко мој.
Бошко мој два пати понервозен од него.
Сè се случи за миг. Тргнаа еден кон друг. Тоа што следуваше во наредните дваесет секунди личеше и на борба на петли и на борба на кучиња истовремено.
Само што овде не се знаеше кој е кучето, а кој петелот.

Жените врискаа, мажите се смееа.

Едвај ги раздвоивме.
Газда Клапчо го однесе Коки во непознат правец.
Ги пребројувавме жртвите.
Коки останал посиромашен за неколку пердуви, а Бошко мој побогат за еден нов трофеј.
Модринка на окото. Односно во окото.
Целото му се зацрвене во рок од една минута.
Бошко мој се тресеше од бес. Гледаше во правецот во кој замина Коки и зар’жи заканувачки. Го разбрав.
Му кажа на Коки.

Ќе видиш ти, копиле едно. Око за око, заб за заб.“

Журката заврши доцна во ноќта кога застуде.
Убаво си поминавме. Имаше убави моми на журката кои беа расположени за дружба на сите нивоа.
Ама џабе.
Бошко мој гризна 3 од 5 жени што ми пријдоа.
Бошко мој, мојот бодигард.

Откако сите се разотидоа, газда Клапчо ми ја покажа собата во која ќе преспијам. Утредента имав настап на сосема другиот крај од земјава. Морав рано да тргнам. Се договоривме дека заедно ќе пиеме кафе пред тоа.

Утрината се разбудив многу порано отколку што беше потребно. Односно Бошко мој ме разбуди.
Лаеше. Тоа беа неговите знаци, неговиот јазик што јас го разбирав. Како доктор Дулитл.
Лаеше по три пати. На периоди од по десет секунди.

Го разбрав.
Бошко мој по еднаш лае наутро за да каже дека е жив
и истовремено да провери дали и сопственикот е меѓу
живите исто така.
Два пати значи мочкање.
Три пати значи исто како и два пати плус какање.
Ова беше три пати. Сериозен аларм.

Луѓе мои. Кучево ќе проговори.
Секој момент. И од септември во прво одделение.
Нека учи детето.
Знаењето е сила, знаењето е ноќ.

Му ја отворив вратата за да се олесни.
И се вратив во креветот. На доспивање.

После десетина минути Бошко мој се врати, дотрча во собата и со пантерски скок се качи на креветот.
Седна како сфинга, со здрвен врат и дигнати уши.
Од ноздрвата му висеше еден црвен пердув.
И уште еден бел заглавен меѓу предните заби.
Пердуви од Коки.
Бошко мој го шмркнал Коки како кока.

Боки против Коки.
Око за око, пердув за заб.

Бошко мој му ја пренесе на Коки својата животна филозофија. Трите Бошкови заповеди.

1.     Немој да се петелиш.
2.     Немој да се курчиш.
3.     Немој.

Истрчав во дворот и имав што да видам.
На само неколку чекори од влезот, лежеше шампионот.
Со свиткано вратче.
Тоа беше неговата последна, 351-ва борба.
Го замотав во еден голем картон и го камуфлирав со отпадоците од кантата. Нека му е лесно...ѓубрето.

Се спакувавме како за узбуна, тивко и скришно влеговме во нашето зелено превозно средство.
Му ја дувнавме со Бошко мој уште пред да речеш Коки.

Фазата “Петел“ јас лично почнав да ја прескокнувам уште како млад. Иако на младите тоа некако им стои. Трагично е кога повозрасни луѓе се петелат.
Особено жените. Со тоа што жените воопшто не знаат да се петелат, од проста причина што се кокошки.
Или што би рекле моите Јужномакедонци за пијаните жени - заледени кокошки. Бројлерки. Луѓе мои, дали знаете кои се двете најлоши работи на овој свет?
Топло пиво и пијана жена.

Радувај се куре на пијно пиче“.


................................................................................................
Share this post :

Објави коментар

 
Support : Creating Website | Johny Template | Mas Template
Copyright © 2011. Биди во тек - All Rights Reserved
Template Created by Creating Website Published by Mas Template
Proudly powered by Blogger